Индија и Европската унија ги завршија преговорите за долгоочекуваниот трговски договор што ќе биде објавен во вторник, изјави во понеделникот министерот за трговија на азиската земја, при што двете страни го поздравија договорот како историски, бидејќи се борат со влошените односи со САД.
Спогодбата го отвора патот за слободна трговија со стоки меѓу 27-члениот европски блок и Индија, кои заедно сочинуваат една четвртина од светскиот БДП и пазар од две милијарди потрошувачи.
„Тоа ќе биде избалансиран, напреден договор за поголема економска интеграција со ЕУ. Договорот ќе ја забрза трговијата и инвестициите меѓу двете страни“, изјави индискиот министер за трговија Раџеш Агравал.
Вкупната трговија меѓу двете страни во фискалната година до март 2025 година изнесуваше 136,5 милијарди американски долари.
Серија трговски договори
Договорот ќе биде официјално потпишан по правно прегледување, кое се очекува да трае меѓу пет и шест месеци, изјави претставник на индиската влада запознаен со ова прашање.
„Очекуваме договорот да биде имплементиран во рок од една година“, додаде претставникот.
Договорот доаѓа неколку дена откако ЕУ потпиша клучен договор со јужноамериканскиот блок Меркосур и по договорите минатата година со Индонезија, Мексико и Швајцарија.
Во истиот период, Њу Делхи ги финализираше договорите со Велика Британија, Нов Зеланд и Оман.
Бројот договори ги нагласува напорите на земјите да се заштитат од САД, бидејќи желбата на нивниот претседател Доналд Трамп да го заземе Гренланд и неговите закани за царини против некои западноевропски земји ги искушуваат долгогодишните сојузи на Западот.
По речиси две децении повремени преговори, со договорот Ондија ќе го отвори својот огромен пазар, трет по големина во светот, за слободна трговија со Европската унија, нејзиниот најголем трговски партнер.
Забрзани преговори договорени минатата година
Индија и ЕУ почнаа да вршат притисок за финализирање на договорот откако индискиот премиер Нарендра Моди и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се согласија да ги забрзаат преговорите минатата година.
Разговорите, кои требаше да се обноват во 2022 година по деветгодишна пауза, добија поттик откако Трамп воведе царини за неколку од неговите трговски партнери, вклучително и царини од 50 отсто за увоз од Индија инсистирајќи земјата да ги раскине своите трговски односи со Русија. Трговскиот договор меѓу Индија и САД пропадна минатата година по неуспех во комуникацијата меѓу двете влади.
Европската унија и Индија преговараа до последен момент за трговијата со автомобили и челик, што беа клучни точки на спор. ЕУ побара од Индија значително да ги намали царините за увоз на автомобили, кои во некои случаи надминуваат 100 отсто, а Индија, голем производител на челик, побара од ЕУ да ги намали ограничувањата за извоз на челик.
Агенцијата Reuters објави во неделата дека Индија има намера да ги намали царините за автомобили увезени од ЕУ на 40 отсто како дел од договорот.
Одредени земјоделски производи не беа вклучени во преговорите, бидејќи Њу Делхи сака да заштити милиони свои земјоделци кои ги одгледуваат за свои потреби.