Легендата на Формула 1, 57-годишниот Германец Михаел Шумахер, кој беше тешко повреден во несреќа при скијање пред 13 години, повеќе не е врзан за креветот, објави британскиот весник Daily Mail.
Шумахер доживеа сериозна несреќа кон крајот на декември 2013 година додека скијаше во францускиот скијачки центар Мерибел. Во еден момент, тој ја изгубил контролата и удрил со главата во карпа. Медицинските служби веднаш реагираа, а тој беше префрлен со хеликоптер во болница во Гренобл, каде што беше подложен на итна операција и беше ставен во индуцирана кома
За жал, Шумахер претрпел оштетување на мозокот при падот, а неговата здравствена состојба е строго чувана тајна, позната само на неговото најблиско семејство и неколку доверливи пријатели.
Daily Mail објави дека седумкратниот светски шампион во Формула 1 сега е во инвалидска количка и може да вози низ својот имот на Мајорка и резиденцијата Гланд на брегот на Женевското Езеро.
За него се грижи неговата сопруга Корина, со која е во брак 30 години, заедно со тим медицински сестри и терапевти кои го следат 24 часа на ден.
Обидите на некои поранешни членови на персоналот да ги продадат неговите снимки во тешка состојба минатата година резултираа со осудителни пресуди.