Познатиот американски рок-музичар Брус Спрингстин објави нова песна посветена на граѓаните на Минеаполис, кои протестираат против „присуството и насилството“ на американската агенција за илегална миграција ICE, чии агенти при активистичкото попречување на нивните операции убија две лица последните две седмици.
Во песната „Streets of Minneapolis“, Спрингстин протестира против „приватната армија на кралот Трамп“ чии војници „ги газат нашите права“. Музичарот пее за градот под „чизмите на окупаторот“ кој се бори против „огнот и мразот (ice – ајс)“.
„Ја напишав оваа песна в саботата, ја снимив вчера и ја објавувам денеска за вас, како одговор на државниот терор што се случува во градот Минеаполис“, напиша Спрингстин на социјалните мрежи.
„Посветена е на граѓаните на Минеаполис и нашите невини соседи имигранти“, додаде музичарот. Тој ја посвети и песната на двајца американски граѓани кои беа убиени од агенти на ICE последните две седмици – Алекс Прити и Рене Гуд.
Спрингстин долги години е истакнат критичар на американскиот претседател. За време на минатогодишната турнеја, тој ги критикуваше рациите за депортација на нелегалните мигранти и начинот на кој властите реагираа на протестите во Лос Анџелес.
Неговата нова песна потсетува на „’Streets of Philadelphia“, песна за кризата со СИДА-та напишана во 1993 година за филмот „Филаделфија“. За неа Спрингстин беше награден со Оскар за најдобра песна.
Агенцијата за имиграција и царинска контрола (ICE) беше создадена во 2003 година, но со враќањето на Трамп во Белата куќа, таа стана федерална безбедносна агенција со најголемо финансирање – 85 милијарди долари, повеќе од Федералното биро за истраги (FBI). Во вториот негов мандат, повеќе од 12.000 нови агенти се регрутирани во ICE, според веб-страницата на американската влада.