Српската криминалистичка полиција во четвртокот заплени околу пет тони марихуана во близина на Крушевац, што е рекордна заплена на дрога во Србија, а нејзината вредност на нелегалниот пазар се проценува на седум до десет милиони евра, објави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Дачиќ нагласи дека „најзначајниот резултат“ од оваа операција е тоа што петте тони дрога биле „отстранети од улиците“, проценувајќи дека „покрај европскиот пазар“, запленетата марихуана „најверојатно била наменета за домашниот пазар“.

Во акцијата биле запленети и четири автоматски пушки и еден рачен фрлач – „зоља“, а уапсени се две лица, едниот 39 а другиот 67-годишник, додека се трага по уште едно лице за истото кривично дело – неовластено производство и продажба на дрога и неовластено поседување и складирање на оружје и експлозиви.
Како споредба за тоа колкава е заплената, Дачиќ наведе дека во текот на целата 2001 година биле запленети малку повеќе од тон наркотици, а минатата 2025 година, којашто според статистиката била добра, вкупно шест тони.

„Полицијата ќе продолжи со истрагата за тоа од каде доаѓа дрогата, најверојатно од јужните соседи, но тоа е прашање за понатамошна истрага и меѓународна полициска соработка“, рече Дачиќ.
За осомничените е одредено полициски задржување и ќе бидат изведени пред обвинителот со кривични пријави.