Американскиот министер за војна (одбрана), Пит Хегсет, изјави во четвртокот дека американската војска ќе биде подготвена да спроведе секаква одлука што претседателот Доналд Трамп ќе ја донесе за Иран за да се осигури дека Техеран нема да продолжи да развива нуклеарно оружје.
Со оглед на тоа што големите американски воени сили се распоредени во регионот, Трамп побара од Хегсет да даде коментар за ситуацијата на состанокот на својот кабинетот.
„Тие не треба да се стремат кон нуклеарни капацитети. Ние ќе бидеме подготвени да направиме што и да очекува овој претседател од Министерството за војна“, рече Хегсет, осврнувајќи се на неофицијалното преименување на Министерството за одбрана во рамките на администрацијата на Трамп.
Американските претставници велат дека Трамп разгледува опции, но сè уште не одлучил дали да го нападне Иран.
Тензиите меѓу САД и Иран остро се зголемија по задушување на протестите низ Иран од страна на клерот последните седмици.
Трамп постојано се закануваше дека ќе интервенира ако Иран продолжи да ги убива демонстрантите кои палеа џамии и приватни и јавни објекти и убија стотина припадници на иранските безбедносни служби, но протестите поради економската криза кои израснаа во насилни протест наводно поради политичката репресија оттогаш стивнаа а Иранците масовно излегоа на улиците на градовите да ги поддржат владата и власта на свештенството.
Потоа, Трамп рече дека САД ќе дејствуваат доколку Техеран продолжи да ја развива својата нуклеарна програма по воздушните напади на израелските и американските сили врз клучните ирански нуклеарни постројки минатиот јуни.