Франција ќе ги стави валутните осцилации на девизните пазари на дневен ред на финансиските разговори на Г7 доколку е потребно, изјави во вторникот министерот за финансии Ролан Лескур.
Американскиот долар падна на најниско ниво во однос на еврото во повеќе од четири ипол години минатата седмица, а кинескиот јуан е слаб со години во однос на другите главни светски валути, давајќи му на кинескиот извоз конкурентска предност, забележува Reuters.
Г7 порано беше водечки форум на индустријализираните земји за решавање на глобалните економски проблеми, но сега се обидуваат да ја зачуваат улогата на релевантен актер, особено по едностраните потези на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп што ги вознемирија сојузниците.
Франција го презеде претседателството на почетокот од годината и има намера да ја искористи можноста да ја охрабри групата да преземе мерки за решавање на прашањето за „влошувањето на глобалната економска нерамнотежа“.
„Доколку е потребно, секако дека ќе го вклучам прашањето за флуктуациите на валутниот пазар на агендата на финансиските преговори“, рече министерот Лескир пред новинарите кога ги презентираше приоритетите за претседателствување со групата Г7.
Франција сака групата да се фокусира на нерамнотежите создадени од „прекумерната потрошувачка во САД“, поттикнато од кредитите, како и „недоволното инвестирање во Европа и растот на Кина предводен од извозот“.
„Доколу продолжиме со ова темпо без дијалог, без договор за корективни мерки, работите ќе завршат лошо, без разлика дали станува збор за економска, финансиска или политичка криза“, додаде францускиот министер.
Според Лескир, министрите за финансии на Г7 треба да се договорат за „каталог“ на заеднички алатки за справување со нерамнотежите, потенцијално насочени кон специфични сектори како што се металите од ретки земји.
Франција, исто така, сака да го искористи своето претседателствување со групата за да ги оживее разговорите за координирање на меѓународното оданочување на мултинационалните компании, додаде тој.
Канада претседаваше со групата во 2025 година, а САД треба да го преземат претседателството во 2027 година, според веб-страницата на француското Министерство за финансии.