Убиен е Саиф ал-Ислам Гадафи, најпознатиот син на поранешниот децениски автократски либиски водач Моамер ал-Гадафи, објавија во вторник извори блиски до семејството, неговиот адвокат и либиските медиуми.
Околностите на смртта на ал-Ислам сè уште не се познати, објавува Reuters.
Истоврмено руската агенција РИА од свои либиски извори објави дека ал-Ислам е убиен во напад на северозападот од земјата.
„Саиф ал-Ислам е убиен. Неговата куќа во Зинтан е нападната“, изјавил изворот на агенцијата, без да прецизира кој стои зад нападот.
Претходно во вторникoт, либискиот портал Abaad News објави за смртта на синот на Гадафи во вооружени судири јужно од Триполи. Според изданието, оваа информација ја потврдил неговиот советник.
Иако беше многу познат во северноафриканската земја, особено поради неговото учество во политиката пред 2011 година, тој не се појавуваше многу во јавноста последните години.
Либиски суд го осуди на смрт во отсуство во 2015 година за потиснување на протестите за време на бунтот поддржан од западните земји во 2011 година со која заврши владеењето на неговиот татко, откако во ткн Арапска пролет беа соборени низа челници во северноафриканските и блискоисточни земји.
Претходно беше обвинет од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни злосторства против човештвото, а неговите адвокати не успеаја да го спречат тој процес.
Во 2021 година, aл-Ислам се регистрираше како претседателски кандидат на декемвриските избори кои на крајот не се одржаа.
Во либискиот главен град редовно избувнуваат вооружени конфликти со престрелки и експлозии, парализирајќи ги операциите на аеродромите и вообичаениот градски живот. Судири се меѓу паравоени групи лојални на различни центри на моќ, како последица на длабока политичка криза и долготрајна граѓанска војна.
По соборувањето и бруталната егзекуција врз Гадафи во 2011 година, Либија престана да функционира како една држава. Во текот на изминатите неколку години, имаше споредични судири меѓу водството со седиште во Триполи на западот и властите на исток, поддржани од националната армија под команда на Калифа Хафтар. Во 2021 година, Форумот за либиски политички дијалог спонзориран од ОН во Женева избра преоден извршен орган во исчекување на општите избори, кои сè уште не се одржале.
Либија така има две влади кои не се признаваат меѓусебно. Првата, поддржана од ОН и предводена од Абделхамид Дбеиба, функционира во Триполи. Втората, делегирана од парламентот, е со седиште во Бенгази и предводена од Осама Хамад.