2 минути за читање
Американскиот претседател Доналд Трамп „не беше изненаден“ од масовниот руски напад со ракети и беспилотни летала врз украинскиот главен град Киев, соопшти Белата куќа.
Во разговор со новинарите во Белата куќа, портпаролката Каролин Ливит изјави дека планираните разговори меѓу Русија и Украина ќе продолжат подоцна оваа недела во Абу Даби, при што САД ќе играат посредничка улога.
„Разговарав со претседателот за тоа утрово и неговата реакција, за жал, не беше изненадување“, рече таа кога беше прашана за новата серија бомбардирања. „Ова се две земји кои се во многу брутална војна веќе неколку години, војна која никогаш немаше да започне ако претседателот сè уште беше на функција.“
Ноќешниот напад го прекина греењето за десетици илјади луѓе и го заврши краткото одложување договорено од Москва и Вашингтон, додека Украинците се борат со драстично опаѓање на зимските температури.
Трамп си ја припиша заслугата за обезбедување на пауза (на руските напади врз Украина), велејќи дека лично го замолил Путин да ги запре нападите врз украинските градови поради студениот бран.
Но, нападот во вторник јасно стави до знаење дека прекинот бил краткотраен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека нападот на Русија бил фокусиран на енергетски објекти во најмалку шест региони и вклучувал 70 ракети и 450 борбени беспилотни летала.
„Искористувањето на најстудените зимски денови за тероризирање на луѓето е поважно за Русија отколку дипломатијата“, рече Зеленски.