Британскиот премиер Кир Стармер во средата изрази жалење за назначувањето на Питер Манделсон за амбасадор на Велика Британија во Вашингтон, велејќи дека ветеранот од Лабуристичката партија постојано лажел за своите врски со американскиот сексуален престапник Џефри Епштајн.
Стармер попушти под притисокот од опозициската Конзервативна партија и неговата сопствена Лабуристичка партија да објави документи за тоа како Манделсон бил назначен во 2024 година за амбасадор во Соединетите држави, најзначајниот британски сојузник.
Манделсон, кој беше министер во кабинетот под владеењето на Лабуристичката партија пред повеќе од 15 години, во вторникот поднесе оставка од Домот на лордовите поради врски со Епштајн и сега е под полициска истрага за наводно недолично однесување во службата.
Документите објавени минатата седмица од Министерството за правда на САД вклучуваат пораки во кои се сугерира дека Манделсон му испраќал доверливи владини документи на Епштајн, за шти бил платен.
Манделсон рече дека не се сеќава дека ги примил парите и не коментираше јавно за наводите за протечените документи, ниту, пак, одговори на пораките во кои медиумите од него бараат коментар.
Во средата, Стармер се бранеше, велејќи дека дејствувал брзо и ги одземал сите титули и улоги од човекот кого го обвини за предавство на Велика Британија.
Но, објаснувањето на Стармер за тоа како е назначен Манделсон не ја смирика опозицијата, која го доведе во прашање расудувањето на Стармер и неговиот најблизок советник, Морган МекСвини.
Ситуацијата, исто така, не го смири гневот во Лабуристичката партија, при што пратениците се сè повеќе фрустрирани од низата непријатни политички пресврти.
Истрагата е иницирана откако беа објавени имејлови од Министерството за правда на САД, за кои се тврди дека покажуваат дека Манделсон, додека бил секретар за бизнис во владата на Гордон Браун во 2009 година, му препраќал на Епштајн информации кои би можеле да бидат чувствителни за пазарот.
Електронските преписки од 2008 година, кои се дел од објавените документи, укажуваат на комуникација меѓу Манделсон и Ештајн за владини планови, вклучувајќи го данокот на банкарските бонуси, како и други економски мерки. Во документите, исто така, се споменуваат наводни парични исплати од Епштајн до Манделсон и неговиот партнер, што Манделсон претходно го негираше, наведувајќи дека не се сеќава на тие исплати или дека тврдењата се неточни.
Манделсон беше отпуштен ланскиот септември поради протечените е-пораки кои открија многу поблизок однос отколку што претходно тој го признаваше. Ветеранот во британската политија во преписката го нарекува Епштајн „свој најдобар пријател“ и го советува да побара предвремено ослободување.
Во јануари годинава, во интервјуто за BBC, Манделсон им се извини на жртвите на починатиот осуден сексуален престапник, но не и за своите постапки уверувајќи дека „не бил свесен“ што прави Епштајн.