Највисокиот дипломатски советник на францускиот претседател Емануел Макрон престојувал во Москва во вторникот на разговори со руски претставници, изјавил во средата за Reuters извор запознаен со состанокот, заедно со уште два дипломатски изворa.
Првиот извор рекол дека Емануел Бон, дипломат на Макрон од 2019 година, се сретнал со претставници на Кремљ. Не дал притоа дополнителни детали освен што рекол дека целта е дијалог за клучни прашања, од кои најважно е Украина.
Француското претседателство ниту ги потврдило ниту ги негирало разговорите.
„Како што рече претседателот, разговорите се водат на техничко ниво со целосна транспарентност и во консултација со украинскиот претседател Володимир Зеленски и клучните европски колеги“, се вели во писмената изјава.
Два дипломатски извора изјавиле дека сојузниците биле информирани за состанокот и дека Бон разговарал со Јуриј Ушаков, високо позиционираниот помошник на рускиот претседател Владимир Путин.
Макрон во декември изјави дека Европејците ќе мора повторно да се вклучат во директни разговори со Путин доколку најновите напори предводени од САД за посредување за мировен договор за Украина не успеат.
Европските челници, претпазливи поради наводните „воени амбиции“ на Путин, се лути што се исклучени од мировните преговори предводени од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Макрон им рече на новинарите во вторникот дека се во тек напори за повторно започнување на дијалогот со Путин.
„Важно е Европејците да ги обноват своите канали за комуникација“, рече Макрон додавајќи дека ова се прави во консултација со Украина.