Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокoт ја отфрли понудата од неговиот руски колега по должност Владимир Путин за продолжување на ограничувањето на распоредувањето на стратешко нуклеарно оружје по истекот на договорот што го држеше под контрола повеќе од две децении.
„Наместо да го продолжуваме Новиот СТАРТ (лошо договорен документ од страна на САД, кој, меѓу другото, грубо се прекршува), треба да им зададеме задача на нашите нуклеарни експерти да развијат нов, подобрен и модерен договор што може да трае многу години“, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Истовремено, САД продолжуваат да го градат својот воен потенцијал на „невидени нивоа“, тврди шефот на Белата куќа.
Со тоа Трамп одговори на предлогот на Путин двете суперсили да се придржуваат една година до ограничувањата утврдени со договорот од 2010 година за распоредување на стратешки нуклеарни боеви глави и ракети, лансери, авиони и подморници што ги носат.
Претходно во четврток, американскиот портал Axios објави дека САД и Русија се согласиле да започнат разговори за опциите за ажурирање на Договорот за намалување на стратешкото оружје (СТАРТ). Според извештаите, страните имаат намера да се придржуваат до условите на Договорот СТАРТ најмалку уште шест месеци за време на преговорите. Белата куќа одби да ја коментира оваа информација.
Ден претходно руското Министерство за надворешни работи изјави дека го сфаќа изостанувањето американски одговор на предлогот на претседателот Путин во врска со договорот Нов СТАРТ како реалност што ќе треба да се земе предвид во идната политика за стратешко оружје.
Иако страните повеќе не се обврзани со договорот, Русија ќе биде подготвена да преземе решителни контрамерки доколку нејзината безбедност биде загрозена. Во исто време, Москва останува отворена за наоѓање начини за стабилизирање на ситуацијата преку рамноправен дијалог, порача руската дипломатија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно денеска изјави дека истекувањето во четвртокот вечерта на Новиот СТАРТ би влијаел негативно на стратешката безбедност, бидејќи двете земји со најголеми нуклеарни арсенали би останале без фундаментален документ што би воспоставил контрола врз нив.
Новиот СТАРТ беше последниот договор за контрола на нуклеарното оружје меѓу двете светски сили со најмногу боеви глави, од кои САД еднострано се повлекуваат последните десет години. Беше можно само едно автоматско продолжување, кое се случи во 2021 година. Секое ново бара извршна одлука за доброволно продолжување на ограничувањата на договорот.
Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија останува подготвена за дијалог со САД доколку Вашингтон конструктивно одговори на предлогот на Путин да продолжи да се придржува до ограничувањата од Новиот СТАРТ.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во средата разговараше со кинескиот претседател Кси Џинпинг, сака Кина да се приклучи на договорот за намалување на нуклеарното оружје.
Пекинг досега одбива да преговара со Москва и Вашингтон поради несразмерноста на нејзиниот нуклеарен арсенал, бидејќи Кина поседува околу 600 боеви глави во споредба со околу 4.000 што ги поседуваат и Русија и САД.