Од САД ни стигнува вест која истовремено предизвикува радост и „финансиска паника“ кај колекционерите. Panini America официјално ја претстави корицата за албумот за Светското првенство 2026, а бројките се застрашувачки: Ова ќе биде најголемиот албум во историјата!
Со оглед на тоа што на Мундијалот во САД, Канада и Мексико ќе учествуваат дури 48 репрезентации, албумот мораше да „порасне“. И тоа драстично.
Бројките не лажат: 112 страни, 980 сликички!
Да, добро прочитавте. За да го пополните овој албум, ќе ви требаат безмалку 1.000 сликички. Ова е апсолутен рекорд за Panini. За споредба, претходните албуми (како Катар 2022) имаа околу 670 сликички. Сега, задачата е многу потешка (и поскапа).
Корицата што беше промовирана е специјална верзија за САД и Канада, а наскоро се очекува и посебна верзија за Мексико. Глобалната верзија (онаа што веројатно ќе ја купуваме ние) ќе биде објавена во наредните месеци.
🎁 ЕКСКЛУЗИВЕН ПОДАРОК: Враќање во 1970-та!
И додека се психички (и финансиски) подготвувате за иднината, ви спремивме и едно носталгично патување во минатото. Бидејќи споменавме дека сè започна во Мексико пред повеќе од половина век, подолу можете да го прелистате целиот албум од 1970 година во дигитална форма (Flipbook).
Видете како изгледаше „прадедото“ на овој новиот албум и уживајте во ретро фризурите на легендите како Пеле, Ривелињо и Бекенбауер! 👇
📢 АПЕЛ ДО ВЛАДАТА: Ова е прашање од национален интерес!
Бидејќи пред нас е финансиски предизвик од епски размери, како редакција чувствуваме должност да реагираме.
Упатуваме јавен апел до Министерство за спорт, можеби во тесна координација со Министерството за култура (бидејќи лепењето Panini е чиста култура и традиција!), итно да испратат допис до Министерството за финансии.
„Ало, Финансии? Дајте да ги намалиме увозните давачки и ДДВ-то за ова свето нешто! Нека влезе во категорија ’основен прехранбен продукт‘ ако треба. Овозможете полесен и поевтин пристап за секое дете (и за нас ’возрасните деца‘ со побелени коси) што сонува да го собере овој култен албум!“
Традицијата продолжува
Инаку, Panini потврди дека и покрај модерните времиња, традиционалното лого со „ножичките“ на Карло Парола останува на насловната. Првиот Panini албум за Светско првенство беше објавен во 1970 година (Мексико), а сега, 56 години подоцна, кругот се врти повторно во Северна Америка.
Останува да видиме дали ќе има апликација за следење на дупликатите, бидејќи со 980 сликички, тефтерот и пенкалото веќе нема да вршат работа.