Новиот извршен директор на Њукасл Јунајтед, Дејвид Хопкинсон, во своето прво големо интервју ја фрли ракавицата пред лицето на елитата. Неговата визија е јасна: За пет години, „Чавките“ нема само да учествуваат, туку ќе бидат во дебата за „најдобар клуб во светот“.
Сепак, покрај амбициозните најави за титули, тој откри и една реалност која можеби ќе ги разочара оние што очекуваа нов супер-стадион преку ноќ.
Визија 2030: „Игнорирајте ги тие што ни се смеат“
Хопкинсон, кој претходно работеше во Реал Мадрид и во НБА лигата (Торонто Репторс), верува дека Њукасл е подготвен за големи нешта.
„До 2030 година, го гледам овој клуб во дебатата за тоа кој е врвен клуб во светот… Треба да имаме храброст да ги игнорираме оние што се сомневаат во нас, па дури и оние што ни се смеат“, изјави Хопкинсон.
Тој го опиша клубот како „ракета“ на која врвни таленти сакаат да се качат.
„Сент Џејмс Парк“: Нема преселба (засега)
Најжешката тема за навивачите е стадионот. Хопкинсон беше брутално искрен – одлука дали ќе се реновира или ќе се гради нов стадион во „Лиз Парк“ (што би чинело над 1,5 милијарди фунти) сè уште не е донесена.

„Сакам да бидам многу јасен. Буквално немаме донесено одлука… Ќе бидеме на ’Сент Џејмс Парк‘ во нешто слично на сегашниот формат уште со години“, потврди тој, објаснувајќи дека дозволите и градбата одземаат премногу време.
Тренинг центарот е „7/10“, ни треба „десетка“
Додека стадионот чека, приоритет е тренинг центарот. Хопкинсон смета дека тековниот објект е солиден (7/10), но недоволен за светска класа.

„Не можеме да стигнеме до ’десетка‘ на моменталната локација… Планираме многу голема инвестиција за да изградиме објект за ’чиста десетка‘“, најави директорот.
Парите се клучот: Трката со Сити и Реал
Њукасл моментално генерира околу 400 милиони фунти приход, но тоа е далеку зад Манчестер Сити (£715м) или Реал Мадрид (£914м). Хопкинсон потенцира дека корелацијата меѓу парите и бодовите е неизбежна и дека клубот мора да го зголеми комерцијалниот приход за да ги почитува финансиските правила и да победува.