Легендарниот аргентински фудбалер Лионел Меси не потврди дека ќе учествува на Светското првенство во 2026 година, но рече дека се надева дека ќе биде таму.
„Се надевам дека ќе бидам таму. Веќе реков и претходно дека би сакал“, рече 38-годишниот Меси во интервју за американската спортска мрежа ESPN, додавајќи дека ќе игра доколку неговото тело може да го издржи тоа.
„Во најлош случај, ќе бидам таму и ќе ги гледам натпреварите во живо, но ќе биде посебно. Светското првенство е посебно за секого, за секоја земја, особено за нас, бидејќи го живееме (фудбалот) на сосема поинаков начин“, додаде Меси.
Аргентина ја освои светската круна на последното Светско првенство во Катар 2022 година откако ја победи Франција во финалето со подобро изведување на пенали. Тоа беше третата титула на Аргентина на светските првенства по оние во 1978 и во 1986 година.
„Вистина е дека имаме исклучителни играчи, а тоа беше очигледно со текот на годините, особено желбата и возбудата откако Лионел Скалони ја презеде функцијата. Ова е тим полн со победници, со силен менталитет, кои сакаат повеќе да победуваат, а тоа е заразно. Го гледате тоа на тренинзите, на натпреварите. Ги гледате како тренираат и даваат сè од себе“, рече Меси.
Многу експерти повторно ја гледаат Аргентина како еден од главните фаворити.
„Ние сме неверојатна група која се согласува многу добро. Секој дава сè од себеси, и тоа е големата сила на оваа група и на овој тим. Се појавуваат нови играчи, покрај оние кои веќе се таму, постојано доаѓаат нови лица. Кога групата е ваква, полесно е за новите играчи да се вклопат. Аргентина мора да го искористи овој момент. Освојувањето на Светското првенство ви дава самодоверба и олеснување да се подготвите за натпреварите поинаку“, нагласи тој.
Меси рече дека освојувањето на титулата во Доха „го тргна товарот од грбот“ на „Гаучосите“, но дека тие ќе се обидат повторно да стигнат до целта.
„Имаме одлична група играчи и ќе се обидеме повторно. Сепак, секоја репрезентација може да ги комплицира работите, ќе ја погодиш стативата и испаѓаш, или ќе изгубиш на пенали. Многу е тешко да се освои Светското првенство. Тоа е нешто што се доживува различно: како гледач, како играч и како навивач. Победата симна огромен товар од нашите плеќи. Играњето без тој притисок е олеснување, но во исто време не гарантира ништо, бидејќи сите сакаат да го победат светскиот шампион. Има многу добри репрезентации, Шпанија, Франција, Англија, Бразил, кои не биле шампиони веќе некое време и сакаат повторно да победат, а исто така и Германија“, додаде Меси.
Меси играше на пет Светски првенства за Аргентина и ги држи националните рекорди по бројот на настапи (196) и голови (115).
The post Меси: Се надевам дека ќе бидам на Светското првенство appeared first on NetPress.