Унгарската енергетска компанија МОЛ изразила интерес за купување на дел од меѓународните средства на санкционираниот руски нафтен гигант „Лукоил“, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на три извори запознаени со разговорите. Со тоа, МОЛ се приклучува на сè поголемиот круг потенцијални купувачи заинтересирани за имотот на „Лукоил“ во странство.
Санкциите што САД ги воведоа во октомври врз најголемиот приватен руски производител на нафта имаат за цел да извршат притисок врз Москва да ја прекине војната во Украина. Како резултат, „Лукоил“ беше принуден да стави на продажба значаен дел од своите странски операции, а моментално преговара со „Ексон Мобил“, „Шеврон“ и инвеститори од Блискиот Исток. Вашингтон претходно ја одби швајцарската компанија Гунвор како можен купувач.
Странските средства на „Лукоил“ со седиште во Виена опфаќаат рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и широка мрежа бензински пумпи ширум светот. Според еден од изворите на Ројтерс, МОЛ е заинтересирана за европските рафинерии и продажната мрежа на „Лукоил“, како и за удели во капацитетите за производство во Казахстан и Азербејџан.
Американското Министерство за финансии одбило да даде коментар, а МОЛ и Белата куќа не одговориле на новинарските прашања.
Унгарија значително се потпира на руската енергија, а премиерот Виктор Орбан, кој е 15 години на власт, настојува да одржува балансирани односи со Москва и Вашингтон. Ројтерс потсетува дека МОЛ е заинтересирана и за купување на српската рафинерија НИС, која исто така е под американски санкции и се наоѓа под руска контрола.