Мото клубот „Ендуро Тим“ од Делчево ја започна празничната хуманитарна мисија со првата акција реализирана во домот на шестчлено семејство во месноста Црквенец кај селото Ветрен. Донацијата опфати облека, храна, средства за домаќинство и училишен прибор.
Претседателот на клубот, Виктор Стојановски, изјави дека оваа активност ја сметаат за чест и обврска што ја продолжуваат секоја година.
„Целта е да покажеме дека и малите дела можат да донесат големи промени. Сакаме да бидеме присутни таму каде што помошта е навистина потребна. Ги повикуваме сите да ни се придружат. Оваа година почнуваме порано, а во следните два месеци ќе реализираме уште неколку акции, за да докажеме дека Делчево е град на хумани луѓе“, рече Стојановски.
Од клубот порачаа дека силата на заедницата се огледува во подготвеноста да се помогне. Затоа ги повикуваат граѓаните кои имаат можност да дадат свој придонес, со цел да се создадат празници исполнети со човечност, солидарност и надеж.
Акцијата беше реализирана во координација со невладини организации кои ги насочуваат моторџиите кон семејствата со најголема потреба од поддршка.