Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, изјави дека линијата до која се повлекоа израелските сили сега е новата граница меѓу Израел и палестинските територии.
За време на посетата на силите во северна Газа во неделата, Замир рече дека таканаречената „жолта линија“ сега е новата граница, фронтовска линија на одбрана за израелските заедници, а исто така и линија за напад.
„Жолтата линија“ претставува нова поделба на територијата во Појасот Газа и се протега меѓу 1,5 и 6,5 километри во крајбрежната палестинската енклава. Така Израел контролира малку повеќе од половина од Појасот Газа, каде што живеат повеќе од два милиона Палестинци.
Пред да се исцрта новата граница, Појасот Газа беше долг 41 километар и широк меѓу шест и 12 километри.
„Ќе одговориме со полна сила на секој обид за закана кон нашите сили“, рече Замир, додавајќи дека Израел нема да дозволи Хамас повторно да се утврди во Појасот Газа.
Според договорот што го постигна Хамас, израелската војска се повлече зад „Жолтата линија“, именувана по жолтите бетонски блокови и знаците долж линијата на повлекување.