Десет луѓе загинаа, а деветмина се повредени откако автомобил се заби во толпа собрана на божиќна прослава во градот Сент-Ан во Гваделупе, архипелаг во Атлантскиот Океан што е француска прекуокеанска територија. Гваделупе со своите шест острови е дел од големиот архипелаг Мали Антилски острови.
Трагедијата се случила во петокот додека биле во тек последните подготовки за прославата, а меѓу повредените, тројца се во критична состојба, објавува DD News.
Несреќата се случила на плоштадот Шоелшер, пред градското собрание и црквата. Властите веднаш започнале истрага, но точната причина за трагедијата сè уште не е утврдена.
Според изјавите на сведоците објавени од локалното радио Caraibes Internationale (RCI), сомнежите се дека на возачот му се слошило, но сè уште нема официјална потврда за оваа информација. Возачот потоа останал на местото на несреќата и не се обидел да бега.