Украинската војска започнала нов напад врз руската нафтена индустрија, насочен кон рафинеријата во Рјазањ, околу 200 километри југоисточно од Москва.
Штабот во Киев објави на социјалните мрежи дека регистриран удар врз рафинеријата, за која вели дека ги снабдува руските вооружени сили.
Гувернерот на Рјазањската област, Павел Малков, на Телеграм соопшти дека остатоците од пресретнат дрон паднале врз областа на индустрискиот погон, но дека нема жртви или поголема материјална штета.
„Во текот на ноќта, над таа област се соборени 29 украински дронови“, рече гувернерот, додавајќи дека една станбена зграда е оштетена, но дека пожарот што избувнал на покривот брзо бил изгаснат.
Сепак, непотврдени видеа и фотографии што циркулираат на социјалните медиуми наводно покажуваат пожар во областа околу блиската рафинерија за нафта и удар во покривот на облакодер.
Рафинеријата во Рјазањ ѝ припаѓа на групацијата „Роснефт“ и веќе беше погодена од украински дрон кон крајот на октомври.