Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, упати честитка до православните верници и до сите сограѓани по повод големиот христијански празник посветен на Свети Климент Охридски, истакнувајќи го неговото исклучително значење за македонската духовна, културна и просветителска традиција.
„Денес го славиме споменот на еден од најважните духовници, учители и просветители во македонската историја – светителот кој ги постави темелите на словенската писменост, ја создаде Охридската книжевна школа и го зацврсти македонскиот духовен и културен идентитет,“ истакна Проданоски.
Тој нагласи дека богатото наследство на Св. Климент и денес е силен столб врз кој почиваат нашите образовни и духовни вредности, потсетувајќи дека неговото дело продолжува да инспирира генерации ученици, наставници и интелектуалци.
„Нека делото на Свети Климент не води кон мудрост, добрина и човечност. Нека празникот ни донесе мир, здравје и благосостојба,“ порача градоначалникот, завршувајќи со традиционалната честитка:
„За многу години!“