Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, упати честитка до граѓаните по повод големиот државен и христијански празник Свети Климент Охридски, истакнувајќи го неговото огромно значење за македонската духовна и културна традиција.
Во својата порака, Коњановски нагласи дека Македонската православна црква со особена почит го одбележува денот на својот патрон, нарекувајќи го Св. Климент „чудотворец, просветител и столб на македонската духовност“.
„Првиот македонски архиепископ и творец на Охридската книжевна школа остави длабока трага во просветителството, книжевноста и црковниот живот. Неговото дело е значајно не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет“, истакна градоначалникот.
Коњановски потсети дека Свети Климент со своето неуморно просветителско дело го образувал, просветлувал и облагородувал народот, поставувајќи силни темели на духовниот и културниот развој.
„Да продолжиме да делуваме во духот на хуманоста, разбирањето и меѓусебната почит. Светиклиментовото дело нека биде наша водилка во стремежите за создавање подобра иднина за нас и за генерациите што доаѓаат“, порача тој, истакнувајќи ја и важната улога на битолските образовни институции кои го носат името на големиот просветител.
Градоначалникот ја заврши честитката со традиционалната порака:
„Нека е честит и вековит празникот Свети Климент Охридски.“