Киев – Околу половина од населението на украинскиот главен град Киев денес остана без електрична енергија по најновите руски напади врз енергетската инфраструктура на земјата, соопшти Министерството за енергетика.
„Ситуацијата во Киев е една од најтешките – околу 50 проценти од потрошувачите во градот се без струја“, се наведува во официјалното соопштение на Телеграм.
Русија го зголеми бројот и интензитетот на нападите врз гасните и енергетските постројки на Украина, насочувајќи ги кон централи за производство на електрична енергија и далноводи. Трите украински нуклеарни централи, кои произведуваат повеќе од половина од електричната енергија на земјата, беа принудени да го намалат производството поради оштетувања на далноводите.
Како резултат, операторот на електричната мрежа, Укренерго, ги ограничи испораките на електрична енергија, оставајќи цели региони без струја. Прекините влијаат и на греењето и снабдувањето со вода, а жителите на Киев и околината во изминатата недела добиваат електрична енергија околу десет часа дневно.