
Раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска официјално информира четири екипи дека се суспендирани поради долгови и се соочуваат со службени порази за следните средби според нивните календари.
Ваквата одлука со изненадување е примена кај предводниците на овие четири тима, со оглед што е јавна тајна дека постојат и други екипи од нивната конкуренција кои имаат долгови, а не се суспендирани. Кај нив постои сомнеж дека ваквата одлука е донесена како своевиден реванш за гласањето против претседателот на КФМ, Перо Антиќ, на неодамнешното Собрание на кое вешто избегна смена иако мнозинството клубови му покажаа црвени картони.
Станува збор за второлигашките тимови Работнички 2, МЗТ Скопје 2, Охрид и Маџари, кои имаат рок до утре до 12 часот да го платат тоа што го должат кон Куќата на кошарката или во спротивно натпреварите кои ќе треба да ги одиграат следниот викенд ќе ги загубат со 20-0. Суспензијата продолжува да важи и по ваквите порази, се до подмирување на долговите или по две службено загубени пресметки по што, според актите, следува преселба во понизок ранг.