Пред неколку години, кога Вардар се избори за историскиот пласман во групната фаза од Лигата на Европа на УЕФА, еден од главните играчи во редовите на Црвено-црните беше Тигран Барсегјан. Ерменскиот репрезентативец во периодот од 2016 до 2018 година со голем успех го носеше дресот на Вардар. Сега, неколку години подоцна, Барсегјан повторно е во Скопје, но како играч на Слован Братислава, словачкиот тим кој вечерва ќе игра против Шкендија во лигашката фаза од Конференциската лига.
Во хотелот во кој е сместена експедицијата на Слован Братислава го забележавме токму Барсегјан. Тој во мирна и релаксирана атмосфера го очекува мечот против Шкендија, која некогаш му беше голем ривал додека Тигран настапуваше за Вардар.
Барсегјан вели дека му е мило што неговиот Вардар повторно е лидер на табелата, но додава дека тоа и го очекувал затоа што на клупата повторно е Гоце Седлоски, тренерот кој беше на чело на Црвено-црните и во сезоната кога Барсегјан се радуваше на шампионската титула во Македонија.
„Поради повреда нема да настапам вечерва. Знам дека Шкендија има тим за почит, но ние сакаме да победиме. Мило ми е Вардар што повторно е лидер на табелата, но тоа и може да се очекува ако се знае дека на чело е Гоце Седлоски. Тој е тренер кој бара целосна дисциплина од фудбалерите, а тоа носи и резултати и успеси. Секако дека со задоволство се сеќавам на времето поминато во Вардар“, рече Барсегјан.
Некогашниот вардарец потенцираше дека од Слован Братислава вчера биле разочарани за тоа како изгледа квалитетот на теренот на арената „Тодор Проески“ и дека тоа може да биде голем проблем за двете екипи вечерва.