
Владата го задолжи Министерството за правда да изготви предлог за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, откако го утврди мислењето од правда во кое се наведува зошто Коцевски треба да биде сменет. Токму мислењето на правда кое се темели на тоа дека Коцевски постапувал во предмети во кои имало судир на интереси и со тоа направил сериозни прекршувања на законот, се главните аргументи со кои владата бара негова смена.
“Овие дејствија со коишто се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство, со што е направена намерна или неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со коишто ќе побараме разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот”,рече Марија Митева, портпарол на Влада .
Откако правда ќе го подготви предлогот за разрешување на Коцевски, истиот ќе го достави до Влада, а оттаму ќе биде проследен до советот на јавни обвинители. Од друга страна пак, Коцевски коментирајќи го предлогот за негово разрешување порача дека ако се утврди тешка дисциплинска повреда, самиот ќе се повлече.
„Од она што досега го слушнав во јавноста, што да коментирам, само дека тука нема никаква дисциплинска тешка повреда. Одлуката ја оставам на политичарите, јас строго сум работел и се уште ќе работам согласно законот. Условите доколку се исполнети согласно законот за јавно обвинителство, стојам на тоа и нека ме разрешат. Меѓутоа, доколку не се исполнети условите за јавно обвинителство, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законски начин или на незаконит„, рече Љупчо Коцевски , јавен обвинител.
Како една од причините за предлогот на Владата Коцевски да се разреши, беше наведено поставувањето на Наташа Крстевска Цалева на чело на скопското вишо јавно обвинителство додека трае дисциплинската постапка против Мустафа Хајрулахи. Владата смета дека таа незаконски е поставена да раководи со обвинителството, а Цалева по само една недела побара да си поднесе оставка. Барањето пак за нејзина оставка ќе се разгледува на некоја од наредните седници.
„ Присуствувавте на седницата и видовте дека ги запознав членовите на советот, доставено е молбата и барањето до сите нив, така да на наредната седница ќе донесеме одлука, повеќе од тоа во овој момент не би можела да кажам„, рече Душица Димитриевска, претседателка на совет на јавни обвинители.
Советот на јавни обвинители сега ќе го чека предлогот од Влада за разрешување на Коцевски, а потоа ќе има две недели да состави мислење по истиот. Независно од тоа дали советот ќе даде позитивно или негативно мислење, предлогот потоа ќе се најде пред пратениците, кои ќе го имаат последниот околу неговото разрешување./Алсат.мк
Михаило Донев