
Постоечкиот автопат Кичево Охрид, кој се гради цели 11 години, бил лошо проектиран, призна денес, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. Автопатската делница вели поминува низ градби од А категорија, врз кои не може да се изврши експропријација. Но, не кажа како планираат да го решат овој проблем.
„Поминува низ заштитено подрачје на аеродромот, поминува преку бензински пумпи, поминува преку болници и преку хотели. Тоа се објекти кои не можете да ги експроприирате. Експропријација се прави до куќи. И затоа најдовме решение. Минатиот вторник помина на Влада, во понеделник влегува во Собрание и очекувам за две до три недели, тој закон да е изгласан и на тој начин да го решиме и вториот проблем со објекти на траса. Како е проектирано, кога ќе го завршиме автопатот ќе ви покажам, а секако дека е лошо проектиран“, рече Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
За санација на постоечките 11 свлечишта, кои се појавија при изградбата, Николоски рече дека повикале странски експерти, бидејќи домашните не знаеле да ја завршат работата. Во однос на делот од Требеништа до Ќафасан, кој треба да се поврзе на автопатот Кичево Охрид, Николовски не ја исклучува можноста, тој дел да се гради по сосема нова траса, бидејќи постоечката била проектирана во заштитен дел на Охридското езеро, каде УНЕСКО забрани да се гради автопат или железница.
„И секако дека ќе се прилагодиме на нивните барања. Дали тоа ќе значи поместување на трасата посеверно, или ќе значи целосно нова траса или ќе можеме да се вклопиме во постојната траса или ќе значи отсечка од Подмоље до Струга, која би одела како сврзница на постојниот автопат Охрид Кичево, се работи кои ќе ги дискутираме. Но тука имаме уникатна состојба, и само тука не би сакал да се врзувам за рокови“, додава Николовски.
Тој не ја исклучува можноста, да дојде и до поскапување на цената на чинење на Кичево-Охрид, чија што изградба само досега изнесува 600 милиони евра. Вели тоа е комплексно прашање, кое засега не може да се одговори со да или не. Останува на ветувањето дека 57 километри долгиот автопат ќе биде готов до крајот на 2026 година, а до почетокот на летово, ќе биде пуштена делницата од селото Врбјани до Охрид.
Мики Трајковски