Како уште еден пример за пропусти во здравството, тој го посочи случајот со компјутерската томографија во Струмица.„Клиничкиот центар троши половина од целото јавно здравство. За лекови против рак, пациентите од Дебар, Пробиштип или Струмица мора да патуваат до Скопје. Тоа мора да се промени“, заклучи директорот на ФЗО.
Клековски посочи дека македонскиот здравствен систем е застарен и мора да се адаптира на актуелните потреби.
„Не е одржливо, два милиони луѓе да зависат од еден онколошки центар. Бугарија, на пример, има 35 болници каде што се аплицира таргет-терапија. Мораме да го децентрализираме системот и тоа треба да биде дел од стратегијата“, дециден беше Клековски.
Клековски во синоќешната емисија „Клик плус“ на „ТВ21“, рече и дека не може да се функционира со еден онколошки центар за целата држава.
„На пример, зависни сме од еден ПЕТ-скен апарат и од еден добавувач на суровини. Ако дојде време за сервисирање, нема алтернатива“, рече Клековски, додавајќи дека требало да се создаде план Б за идни дефекти и сервиси.
Клековски, меѓу другото, рече и дека се разговара повторно да се врати во функција Центарот за трансплантација, што се затвори од времето на пандемијата со Ковид-19.
Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, во државава недостасува стратегија за развој на здравствената мрежа.