Голем пожар избувна синоќа, на 12 декември околу 23 часот, во објект на компанијата CIAK во местото Губашево, во близина на градот Забок во Хрватска. Компанијата се занимава со складирање и третман на опасен отпад, а поради сериозноста на инцидентот беше активиран и системот за итно предупредување на граѓаните.
Во гаснењето на пожарот учествуваа повеќе противпожарни единици, а во еден момент на терен биле ангажирани над 60 пожарникари. CIAK во оваа индустриска зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори, што дополнително ја зголеми загриженоста поради можните последици по животната средина.
Претседателот на Противпожарната заедница, Стјепан Скулибер, за хрватските медиуми изјави дека пожарот бил локализиран околу 2:30 часот по полноќ. Иако не бил целосно изгаснат, тој нагласи дека огнот е ставен под контрола и дека на терен останале седум пожарникари со три возила, додека догасувањето ќе продолжи и во текот на денот.
Поради потенцијалната опасност од загадување, околу 3:30 часот по полноќ жителите на Загорје добија итно предупредување преку системот HR112 ALERT. Во пораката беше наведено граѓаните да ги затворат прозорците и да не се приближуваат до местото на пожарот, а известувањето беше испратено на хрватски, како и на англиски и германски јазик.
Откако пожарот беше ставен под контрола, надлежните служби го насочија вниманието кон мерење на квалитетот на воздухот во поширокото подрачје. Експерти од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршија мерења на локацијата, како и во Забок, Орославје и Велико Трговиште.
Резултатите од анализите се очекуваат во текот на денот и ќе бидат официјално соопштени од градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек. Таа изјави дека дел од кровната конструкција на објектот е урната, но дека засега нема прецизни информации за вкупната материјална штета.