
Целосно неточни и злонамерно конструирани со политичка заднина се обвинувањата на ДУИ дека Државниот управен инспекторат констатирал злоупотреба на службената положба и му ги отстранил овластувањата на министерот за животна средина, Изет Меџити, соопшти Министерството за јавна администрација.
Од Министерството нагласуваат дека Инспекторатот најостро ги демантира и ги отфрла ваквите обвинувања на Демократската унија за интеграција како лаги и манипулации.
„ДУИ, како партија која повеќе од две децении ја држеше администрацијата во заробеништво и систематски ја претвораше во алатка за партиски интереси, сега се обидува да ја манипулира јавноста со лаги и дезинформации. „Државниот управен инспекторат нема надлежност да разрешува министри, ниту да води истраги за корупција – тоа се во доменот на правосудните системи кои ДУИ со години ги блокираше за да се заштити од одговорност“, соопштуваат од Министерството за јавна администрација.
Она што всушност се случи, како што нагласуваат од Министерството, е редовен увид во Управата за животна средина, извршен согласно Годишниот план за работа за 2024 година. Овој надзор, како што се објаснува во соопштението, е исклучиво поврзан со почитување на законските процедури и нема врска со обвинувањата од ДУИ.
„Јасно е дека ДУИ, соочена со губењето на влијанието и привилегиите што ги создаде на сметка на граѓаните, сега користи очајни методи на политичка шпионажа. Наместо да одговара за сопствените злоупотреби и партизацијата на институциите, таа се обидува да ја префрли вината на оние кои всушност работат на градење транспарентна и професионална администрација“, се наведува во соопштението.
Од Министерството за јавна администрација потенцираат дека преку Државниот управен инспекторат нема да дозволат политичките структури да го злоупотребуваат системот за свои политички цели.
Јавното мислење има право да знае дека оваа Влада се води од принципите на законитост и отчетност – нешто што ДУИ никогаш не можеше да го постигне додека беше на власт“, велат од Министерството за јавна администрација.
Утрово ДУИ соопшти дека вицепремиерот Изет Меџити ќе остане без одговорност во Министерството за животна средина. Како што информира, по извршен увид од страна на Инспекторатот за администрација, констатирана е злоупотреба на службената положба од страна на Меџити и неговиот Кабинет и врз основа на решението на Инспекторатот за администрација со број 11-1653/2024 од 17.01.2025 година, овластувањата на Изет Меџити се целосно отстранети на директорот на Енрон.