
Европската унија кукавички молчи за масовните демонстрации на студенти и граѓани во Србија, кои се против насилството, вели словенечкиот филозоф и академик Славој Жижек.
Жижек во анализа на меѓународниот портал „Проект Синдикејт“ нагласува дека „Србите бараат владеење на правото без сите непишани правила кои ја отвораат вратата за корупција и авторитаризам“, пренесува БЕТА.
Тој смета дека ненасилните демонстрации во Србија се единствени бидејќи немаат политички барања.
„Демонстрантите сакаат да го нарушат процесот што и овозможи на владејачката партија да ја држи државата во заложништво преку влијание и контрола врз сите институции“, посочува Жижек.
Студентите и граѓаните во Србија отфрлаат дијалог со моќ и насилство, немаат лидери, вели овој политички аналитичар, посочувајќи дека ова може да биде нов тип на политички активизам.
Тој смета дека „во одреден момент сигурно ќе треба да влезе во игра организираната политика“. Но, засега, заклучува тој, овој наводно аполитички став на студентите и незадоволните граѓани „создава услови за нова политика, а не друга верзија на истата стара игра, за да се постигне ред и закон, мора да се расчистат масите“.
Жижек подвлекува дека „ова е доволна причина остатокот од светот безусловно да ги поддржи протестите“.
Овие протести докажуваат, нагласува тој, дека „едноставниот и директен повик за закон и ред може да има поголем трансформативен ефект од анархичкото насилство. „Србите сакаат владеење на правото без сите непишани правила кои ја отвораат вратата за корупција и авторитаризам.
Словенечкиот академик заклучува дека „најголемиот лицемер во оваа приказна е Европската Унија, која се воздржува од притисок врз српскиот претседател Александар Вучиќ од страв дека ќе гравитира кон Русија“.
„Додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази поддршка за грузискиот народ кој се бори за демократија, таа остана неверојатно тивка за востанието во Србија – земја која е официјален кандидат за членство во ЕУ од 2012 година“.
А, како што додава, „ЕУ го остава Вучиќ на мира бидејќи вети стабилност и извоз на литиум, клучен ресурс за електрични возила“.
Жижек нагласува дека „недостигот на критики од ЕУ, дури и во случај на обвинувања за изборна измама, го остави српското граѓанско општество без поддршка“.
Тој додава дека на демонстрациите во Србија нема знамиња на ЕУ и тврди дека „идејата за обоена револуција што се случи во Украина пред 20 години за да се приклучи на демократскиот Запад повеќе нема никаква основа – ЕУ достигна уште еден политички крај“.