Барселона продолжи да победува во шпанското првенство откако со 2:0 славеше над Осасуна во меч одигран на „Камп Ноу“. Двата гола беа постигнати во второто полувреме, а стрелец на двата погодоци беше Рафиња. Ова беше седми триумф по ред за каталонскиот гигант кој сигурно останува прв на табелата со дури седум бодови повеќе од Реал Мадрид кој има дуел против Алавес на гости.
„Најважно е да се освојат трите бода. Ја контролиравме играта, во одбраната бевме добри, можеби немавме многу шанси, но постигнавме два гола“, рече тренерот на Барселона, Ханси Флик, кој посебно ги истакна Рафиња и Педри за тоа како одиграле на овој меч против Осасуна.
„При првиот гол имавме простор и го искористивме. Педри е неверојатен, најдобар, врвен. Тој е одличен фудбалер. Рафиња е исто така многу важен за тимот. Важно е што постигна два гола, за да направиме уште еден чекор напред. Тој е клучен елемент на тимот. Денес се мачевме да ги пронајдеме просторите, но кога ги создадовме, ги искористивме со Педри, Рафиња…“, анализираше Флик.
Тренерот на Барселона беше замолен да коментира и за континуираните шпекулации околу тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, кој би можел да биде отпуштен ако неговиот тим не успее да ја намали предноста на Барселона на четири бода кога ќе се соочат со Алавес во недела.
„Не сакам да зборувам за ривалите. Тоа не е прашање за мене. Ако нашата победа врши притисок врз противникот, тоа е нивен проблем. Мораме да продолжиме на ова ниво. Се опоравивме, играме добро, веќе ги имаме сите играчи и скоро сите се 100%. За останатите, не ми е гајле.“, заврши Флик.