
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција најави мега-инвестиција во електрани на гас вредна близу една милијарда евра на турската групација „Казанчи холдинг“, која преку своите енергетски компании кои работат под брендот „АКСА“ е еден од најголемите енергетски гиганти во својата област.
Со повеќе од 25 години искуство, АКСА Енерџи е водечка турска компанија во енергетскиот сектор и клучен глобален инвеститор во одржлива енергија. Компанијата има инсталирана моќност од над 3.500 MW во осум земји. Додека главниот сопственик на „АКСА Енерџи“, „Казанчи холдинг“ работи во 22 земји на четири континенти.
„Во минатото кажав дека кога станува збор за решавање на проблемот со аерозагадувањето, разговараме со инвеститорите заинтересирани за изградба на постројки за когенерација на гас, кои всушност се единственото одржливо решение за загадениот воздух. А дека се друго би значело криење на проблемот“, рече Мицкоски на прес-конференцијата по средбата со раководството на Казанчи холдинг.
Како што рече, станува збор за когенеративни постројки со инсталирана моќност од 500 MW, кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија годишно.
„„Казанчи холдинг“ е токму компанијата со која разговараме за изградба на секундарна гасоводна мрежа и топлинска мрежа, која ќе стигне до домаќинствата под исклучително поволни услови. Приклучоците на гасната и топлинската мрежа се очекува да бидат по 0 денари за домаќинствата, додека цената на природниот гас за нив ќе биде многу пониска од сегашната цена на берзите. Целиот проект, вклучувајќи ја и изградбата на секундарната гасоводна мрежа, топлинската мрежа и когенеративните постројки, е проектиран како инвестиција од над една милијарда евра“, рече премиерот Мицкоски.
Оваа инвестиција, според него, не е важна само за трајно решавање на проблемот со аерозагадувањето, туку и за енергетскиот потенцијал на државата. Мицкоски вели дека инвестициите на ова поле се гаранција за зајакнување на нашата енергетска независност, што во 21 век е всушност зајакнување на суверенитетот на државата во одлучувањето и насочувањето на политиките.
„Разговараме за проекти кои се од суштинско значење за животната средина, економијата, енергетската независност и стратешкото позиционирање на Македонија“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека разговорите продолжуваат и дека е сигурен дека наскоро ќе се договорат и ќе има конкретни чекори во реализација на нивните планови.
Премиерот истакна дека компанијата ќе биде на слободниот пазар без никакви субвенции од државата, надвор од законските што му следуваат на секој инвеститор.
„Цената ќе се одредува на слободниот пазар во зависност од тоа кој ќе биде потрошувачот на струја. Знаете дека топлинската енергија ја регулира регулаторната комисија, така што тука нема што да се корегира или прави“, рече Мицкоски.
Во однос на сите други прашања, додаде тој, и по постоечкиот гасовод што доаѓа од нашиот источен сосед, имаме слободен простор оваа инвестиција да биде целосно снабдена со гас.
„Но, дозволете ми да ви кажам една добра вест, а тоа е дека конечно очекуваме да го потпишеме договорот за почеток на изградбата на интерконекторот со Грција во март бидејќи тендерската документација е завршена. Имаме компанија која има најевтина цена, најдобра понуда, имаме зелено светло од банките кои ги финансираат ЕИБ и ЕБОР, така што очекувам од тука да влеземе со уште една можност, а тоа е конечно да профункционира јужниот интерконектор. „Ова е приближно три милијарди нормални кубни метри годишно“, рече премиерот.
Северниот интерконектор, како што рече Мицкоски, е дел од проектите што ќе се финансираат во Планот за раст што го одобри ЕУ. „Знаете дека таму имаме на располагање 750 милиони евра. Од нив 350 или 400 се за проекти, додека 350 или 400 се за буџетска ликвидност, рече Мицкоски.