
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска беше дел од официјалното завршување на проектот за зајакнување на административните капацитети на централно и локално ниво, за ефективно спроведување на европското законодавство во областа на индустриското загадување.
Меџити, на завршниот настан, на кој беа присутни и партнерите, евроамбасадорот Михалис Рокас и амбасадорката на Република Грција Софија Филипиду, се заблагодари на Европската Унија за поддршката во подготвителните активности за членство во ЕУ.
„Новата Директива за индустриски емисии претставува главен инструмент за спречување на емисиите од големите индустриски активности. Имплементира интегрален пристап, кој има за цел да го спречи и намали загадувањето на животната средина од сите аспекти како што се воздухот, почвата, водата, користењето на ресурсите, енергијата, како и создавањето отпад од самите индустриски активности. Ги поставува и основните принципи за издавање дозволи и контрола врз основа на најригорозното спроведување на најдобрите достапни техники“, рече Изет Меџити.
Тој додаде дека новата директива заменува седум претходни постојни директиви кои се однесуваат на индустриски активности и пропишува задолжителни услови за работа за инсталациите, кои се построги од барањата што се применуваа во претходното законодавство на ЕУ.
Вредноста на проектот е милион евра со времетраење од 24 месеци, а неговата имплементација започна на 1 март 2023 година. Партнер за спроведување беше Република Грција преку Центарот за меѓународно и европско економско право.
Проектот се состоеше од три компоненти, во кои беа подготвени примарни и подзаконски акти во согласност со новата директива, која опфаќа подготовка на Законот за контрола на индустриските емисии, како и подзаконските акти кои произлегуваат од него, како и зајакнување на капацитетите на централната и локалната администрација за правилна имплементација на новите законски одредби, преку подготовка на практични упатства и упатства за спроведување, како и практични упатства и упатства на пилот дозволи А и Б.