
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагираше на, како што се наведува во соопштението, „јавните напади на лидерот на СДСМ Венко Филипче, изнесени на денешната прес-конференција, на кои тој искажа низа навреди и објави неодговорни заклучоци, со кои во основа покажа недоволно познавање на меѓународната политика и целосно ги занемари стратешките значајни елементи на сложената политичка одлука во светот“.
Јасно, се вели во соопштението, за СДСМ дневната политика е поважна од долгорочните државни интереси и долгорочното зајакнување на меѓународната позиција на Република Северна Македонија.
„Во споменатиот контекст, уште еднаш повторуваме дека неодамнешните одлуки за гласањето на нашата земја за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на низа дипломатски контакти, спроведени фундаментални анализи, консултации спроведени во земјата, усогласување со воспоставените позиции на влијателни меѓународни актери и во координација со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Уште поважно, тие ја потврдуваат стратешката ориентација на нашата држава кон градење стабилна и предвидлива позиција на меѓународната сцена, како и зајакнување на односите со нашите стратешки партнери“, се вели во соопштението на МНР.
Со нашиот глас, се вели, ја потврдивме нашата силна поддршка за Украина и изразивме силна почит, солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за обезбедување траен мир и целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитет, независност, слобода и демократија.
Дополнително, соопштуваат од Министерството, овие одлуки се потврда на конзистентната меѓународна политика на државата, а целта е да се биде активен, конструктивен и кредибилен партнер во процесите на изнаоѓање решенија за актуелните геополитички предизвици, а не пасивен набљудувач без јасен став, како што беше случајот во времето на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ.
„Истовремено, како што нагласи и самиот г-дин Филипче, а за тоа говорат и досегашните активности и одлуки, честите посети на највисоко политичко ниво на САД се потврда за нашата силна посветеност за зајакнување на партнерството и билатералната соработка со САД. „Ваквите засилени дипломатски активности дополнително ја потврдуваат нашата понатамошна определба за целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, како и силната поврзаност со процесот на европска интеграција – кој останува еден од највисоките надворешнополитички приоритети на државата“, се наведува во одговорот на МНР.