
Уставниот суд со мнозинство гласови отвори постапка за одлуката на Владата, со која Медресеот Иса-бег доби статус на редовно средно училиште за да се надмине проблемот со учениците кои завршуваат медресе и не можат да го продолжат високото образование на државните универзитети. Според тоа, во следната фаза Уставниот суд мора да донесе конечна одлука со која ќе ја укине или поништи одлуката на Владата.
Според иницијативата поднесена до Уставниот суд, одлуката на тогашната Влада предводена од Талат Џафери е неуставна бидејќи основач на ова училиште е Исламската верска заедница, додека според став 2 од амандманот 7 од Уставот, верските заедници можат да основаат само верски училишта, но не и граѓански.
„Овде не го браниме ниту исламот, ниту христијанството, туку секуларноста на државата затоа што сите верски заедници ќе почнат да формираат средни училишта“, нагласи судијката на случајот, Ана Павловска Данева, поддржувајќи ја иницијативата. Како што наведе таа, решението на проблемот со студентите може да се постигне само доколку се изврши измена на Уставот.
Фала му на Бога што претходните уставни судии ја зачуваа секуларноста на државата, рече претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој ја поддржа иницијативата и истакна дека овој суд има големо досие на одлуки во кои јасно е искажана одвоеноста на државата од верата. Според него, верските заедници се одвоени од државата и јасно е прашањето дека тие немаат право да основаат граѓански училишта, туку само верски.
Поддршка на иницијативата дадоа и судиите Добрила Кацарска, Татјана Васиќ Бозаџиева и Јадранка Дабовиќ-Атастасовска.
Сепак, најгласен против оваа иницијатива беше судијата Фатмир Скендер, кој рече дека владината одлука не го нарушува секуларизмот, бидејќи никаде во амандманот не пишува дека е забрането формирање приватни училишта со граѓански карактер од страна на верските заедници. Според него, со Законот за средно образование училишта можат да основаат физички и правни лица, додека во овој случај овој квалитет го поседува Исламската верска заедница која е правно лице регистрирано во Централниот регистар. Скендер рече дека дискриминација е тоа што само на верските заедници им се забранува да основаат училишта.
Судијата Осман Кадриу рече дека секуларизмот не значи дека нема допирна точка меѓу државата и верските заедници, по која било основа. Според Кадриу, нашиот Устав има прогресивни решенија во однос на формирање приватни училишта, а тоа е предвидено во членот 45, кој им овозможува на граѓаните да основаат училишта, освен на основно ниво. Потоа, според Кадриу, граѓани се и припадниците на верските заедници и треба да се направат дополнителни анализи пред да се донесе одлука.
Со Кадри се согласува и судијата Насер Ајдари, кој бара и дополнителна анализа бидејќи предметот е чувствителен. Според Ајдари, дури и дискутабилно е прашањето дека Уставниот суд има надлежност да одлучува за владината одлука, која е посебен акт.
Владата на чело со Џафери на 26 март минатата година преку соопштение до јавноста соопшти дека го решила проблемот на учениците од медресето Иса бег, кои не можеле да полагаат државна матура и потоа да се запишат на државните универзитети. Со одлуката Медресето, кое претходно функционираше како исламско верско училиште, беше претворено во приватна гимназија, која наставата ќе ја спроведува како и сите други училишта, според програмата на Бирото за развој на образованието. Укинувањето или поништувањето од страна на Уставниот суд би го сменило процесот (Алсат.мк_.