
„Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат со нас во секторот патна и железничка инфраструктура, а од друга страна, како што најавивме пред извесно време, имаме соработка во енергетскиот сектор со голема и важна компанија за инвестиции во изградба на когенеративни и гасни централи, мрежи за гас и топла вода вредни, би рекол, до милијарда долари“, рече Мицкоски.
Турскиот претседател Ердоган истакна дека трговската размена меѓу двете земји треба да се унапреди, а стана збор и за подобрување на соработката во воената сфера. Тој ја истакна важноста на турската заедница во земјава, велејќи дека нашите односи се силни како Камениот мост во Скопје.
„Минатата година имавме трговска размена од околу милијарда долари и мислам дека треба да го подобриме ова. Мислам дека треба да се преиспита и Договорот за слободна трговија меѓу двете земји. Тогаш мислам дека односите што ги имаме, особено во воената сфера и во сферата на одбранбената индустрија, мислам дека треба и подобро да ги разгледаме. Нашите односи во текот на 30 години се силни како Камениот мост во Скопје“, рече Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган не пропушти да ја спомене и ФЕТО, велејќи дека меѓусебното пријателство е под притисок на оваа организација. Истовремено се зборуваше и за ситуацијата со војната во Украина, за која оценија дека тоа треба да се реши со преговори, како што беше случајот со Палестина, согласни дека овој отворен конфликт треба да се надмине со формирање на две држави.