Декласификувани документи објавени од американското Министерство за правда повторно ја отворија една од најмрачните страници на аферата со починатиот сексуален престапник и финансиски моќник Џефри Епстaјн. Меѓу илјадниците документи се појавува и сведоштво за девојка која на други жртви им била претставувана како „југословенска сексуална робинка“, која Епстaјн наводно ја купил од нејзиното семејство додека била малолетна.
Според анализата на „Вечерњи лист“, станува збор за Нада или Надија Марчинкова, родена во 1985 година, која во полициски и судски записници од САД е опишувана како девојка што Епстaјн ја донел од Југославија и ја користел како дел од мрежата за сексуална експлоатација на малолетнички во неговата куќа во Палм Бич, Флорида.
Во полициски записник од 2005 година, една од жртвите сведочи дека Епстaјн се фалел оти ја „купил“ девојката од Југославија и ја довел во САД како своја сексуална робинка. Истото тврдење подоцна го повторува и полициски детектив пред голема порота во 2006 година. Во документите се наведува дека Марчинкова престојувала во САД со манекенска виза и живеела во куќата на Епстaјн.
Подоцнежни медиумски истражувања, меѓутоа, укажуваат дека Марчинкова најверојатно не била „Југословенка“, туку државјанка на Словачка – факт кој никаде не се појавува во официјалните американски документи од истрагата.
Сведоштвата опишуваат систем на сексуална злоупотреба во кој малолетни девојки, некои и на 16-годишна возраст, биле носени во домот на Епстaјн под изговор за „масажи“, за кои добивале по 200 долари, а дополнителни пари за извршување сексуални дејствија, вклучително и сексуални односи во тројка со Марчинкова.
Во еден понов форензички документ од 2023 година, поврзан со истрага на банкарските сметки на Епстaјн, повторно се споменува личност која тој „наводно ја купил од родителите во Југославија на 14-годишна возраст“, рангирана како втора најблиска соработничка на Епстaјн – веднаш по Гислејн Максвел, која денес издржува затворска казна за посредување во сексуална трговија со малолетници.
Аферата Епстaјн доби нов политички контекст по објавувањето на аудио-снимки и електронска пошта што укажуваат на неговите блиски односи со актуелниот американски претседател Доналд Трамп, како и со други влијателни политички фигури. Иако Трамп негира директна вмешаност, документите покажуваат дека бил запознаен со „девојките“ и дека повеќепати престојувал во домот на Епстaјн.
Џефри Епстaјн беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк во август 2019 година, додека чекаше судење за сериозни обвиненија за трговија со луѓе и сексуална злоупотреба на малолетници. И по неговата смрт, размерите на злосторствата и мрежата на моќни луѓе поврзани со него продолжуваат да ја шокираат светската јавност.