Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, е соочен со долга суспензија поради навреда на спортскиот координатор на Наполи, Габриел Оријали, за време на полуфиналето на италијанскиот Суперкуп помеѓу двата клуба во четврток вечерта.
Како што објавува „Газета Спорт“, тренерот на второпласираниот тим од Серија А би можел да добие казна од неколку натпревари во домашното првенство поради несоодветните зборови што му ги упатил на поранешниот италијански фудбалер.
Во случај да не добие суспензија, трофејниот италијански стручњак веројатно ќе биде „удрен во џебот“, а Дисциплинската комисија е таа што треба да одлучи каква казна ќе му одреди на Алегри.
Од Наполи веќе изјавија дека се надеваат, дека Алегри ќе добие соодветна казна за своето простачко однесување.
„Се надеваме дека овој целосно неконтролиран напад нема да помине незабележано, особено затоа што, со 33 камери вклучени во продукцијата на настанот, беше невозможно да не се види што се случи“, се вели во соопштението на клубот кој ќе се бори против Болоња за титулата победник на италијанскиот Суперкуп.
За потсетување, Милан ќе го игра својот следен натпревар во Серија А само во недела, 28 декември во Верона.
Foto/ freerangestock