Плејмејкерот на Њујорк никс, Џејлен Брансон, ја одбележа изминатата ноќ во НБА-лигата, откако одигра феноменален натпревар и го предводеше својот тим до победа над Мајами хит со 132-125.
Брансон беше првото име на средбата со 47 поени и осум асистенции, а до таков поентерски учинок стигна со шут 9/13 за два поени и 6/13 за три поени. Од линијата за слободни фрлања беше беспрекорен со 11/11.
Кај Њујорк се истакна и Микал Бриџис со 24 поени, додека во дресот на Мајами блескаше Кел’ел Вејр со 28 поени и 19 скока.
Многу ќе се зборува и во наредните денови за дуелот меѓу Атланта и Чикаго, на кој беа постигнати повеќе од 300 поени, со оглед на тоа што Биковите на гостински терен славеа со 150-152.
Џејлен Џонсон и Треј Јанг блескаа во редовите на Хокс, но тоа не беше доволно домаќинот да стигне до победа пред своите навивачи. Џонсон беше на чекор до трипл-дабл со 36 поени, 11 скока и девет асистенции, додека Јанг запиша 35 поени и девет асистенции.
Херој на Чикаго беше Литванецот Матас Бузелис со 28 поени, додека Коби Вајт додаде 21.
Драма имаше и во пресметката меѓу Сакраменто и Хјустон, а Кингс славеа по продолжение со 125-124. Победата им ја донесе Денис Шредер со тројка три секунди пред крајот.
Резултати: Атланта – Чикаго 150-152, Бруклин – Торонто 96-81, Њујорк – Мајами 132-125, Минесота – Милвоки 103-100, Вашингтон – Сан Антонио 113-124, Сакраменто – Хјустон 125-124.