1 минута за читање
Седница за назначување вршител на должноста државен јавен обвинител се очекува да одржи денеска Советот на јавни обвинители по оставката на Љупчо Коцевски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, минатата недела на 17 декември си поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.
Советот на јавни обвинители седницата за определување на вршител на должноста државен јавен обвинител до изборот на наследник на Љупчо Коцевски првично ја закажа на 19 декември, но изборот беше одложен.
Имено, седницата беше одложена поради отсуството на членот на Советот, Јелена Догазанска Колева. Заради нејзиното отсуство, членот на Советот обвинителот Ермон Незири предложи да се одложи изборот на в.д. јавен обвинител на Република Македонија, бидејќи, како што рече, тоа е значајно прашање и треба во полн состав да се избери в.д. јавен обвинител.
Вршителот на должност јавен обвинител на Република Македонија се назначува согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, а се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија.
Должноста ќе ја извршува до именување на нов државн јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.